Skip to content

Биографија

Мимоза Ќека, родена во Скопје, е реномирана македонска пијанистка, која на 26-годишна возраст се стекнува со титулата Доктор по музичка уметност при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје. Во рамки на интерпретацискиот дел од докторската дисертација премиерно ја изведува Соната за пијано оп. 26 од Самуел Барбер и премиерно интегрално го изведува циклусот ,,Огледала’’ од Морис Равел и ,,Во маглите’’ од Леош Јаначек, а во рамки на научно-истражувачкиот дел од докторската дисертација го објавува трудот ,,Употребата на дигиталните технологии во квантитативната анализа на пијанистичката интерпретација’’. Врз нејзиниот професионален и уметнички развој силно влијаaт повеќемина исклучителни уметници вклучително маестра Лилија Зилберштајн, под чие менторство ги завршува магистерските студии и се стекнува со диплома Магистер по музичка уметност.

Пијанистката Ќека настапува како рецитален уметник, како член на камерни ансамбли, пијано дуо и со симфониски оркестри. Нејзините интернационални гостувања вклучуваат концерти и солистички рецитали во Прага, Рим, Париз, Милано, Трст, Сиена, Бристол, Њујорк и Истанбул. Настапува на музичките фестивали ,,Siena Summer Festival”, на Интернационалниот франкофонски фестивал ,,Soleil”, a редовно настапува и на домашната сцена на фестивалите ,,Охридско лето” ,,Есенски Музички Свечености’’ ,,Златна Лира” и ,,Денови на македонска музика’’. За неа музичката критика ќе забележи ,,..Нејзината изведба се одликува со јасна и сугестивна творечка имагинација, со прецизно изработен динамички, артикулациски и ритмички план и извонредно изградена пијанистичка техника…’’ ,,..Ќека фасцинира со емоционалната и физичка сила, а вулканската природа – очигледен столб врз кој таа со необјасниво лесен пристап ја совладува Листовата генијална уметничка природа… “. Нејзиниот репертоар се протега од барок до современи автори, изведувајќи широк спектар на музички дела. Во 2022 година, Мимоза Ќека го издава својот соло албум Non-Fungible со музика од Бах, Скрјабин и Барбер. Мимоза Ќека е носител на високи државни и меѓународни награди на натпревари во Италија, Франција, Србија, Босна и Херцеговина и има настапувано на голем број мастер класи во престижни музички академии меѓу кои Академија Киџана во Италија. Во 2019 година таа учествува во проектот TEME (Транснационален Европски Музички Претприемач) во Италија, дел од програмата Music Moves Europe.